ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА СО ФИЛАНТРОПИЈАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО 2015 ГОДИНА

На 15 ноември 2016 година, во ГЕМ Клубот во Скопје на конференцијата Одржливост? Клучот е во довербата,  беше презентиран и Извештајот за состојбата со филантропијата во Р. Македонија во 2015 година  од страна на г-н Нејтан Кешал, Извршен директор на Фондацијата Каталист (Catalyst Balkans) од Р. Србија. Извештајот беше подготвен од страна на Фондацијата Каталист во партнерство со ХОРУС.  Податоците за истражувањето беа собирани  примарно врз основа  на медиумски објави, како и на други расположливи извори на податоци (извештаи на организации кои примиле донации, како и извештаи за донации на компании), а потоа беа обработени, систематизирани и  внесени во GivingBalkans датабазата на Каталист.

Според извештајот, во Македонија во 2015 година низ 350 поединечни акции на донирање, донирани се преку 3,46 милиони евра за најразлични цели, приматели и групи на корисници. Ова претставува пораст во вкупното ниво на донирање, додека во исто време се забележува намалување во бројот на донаторски акции од филантропски побуди. Се наметнува заклучокот дека можеби донаторите стануваат поселективни кога станува збор за идентификација на примателите на донации, но од друга страна тие покажуваат подготвеност да донираат поголеми суми.

Друга карактеристика за донирањето во Р. Македонија во 2015 година е зголемувањето на процентот на единечни донации, како и на вредноста на донациите насочени кон или преку непрофитниот сектор; континуираниот пад на донирањето со долгорочно влијание; и – државата останува најголем корисник на донациите од филантропски побуди. Сепак, развојот и промените во 2015 се со генерално попозитивна природа, споредено со 2014 година.

Електронската верзија на Извештајот можете да ја превземете овде.

Краткиот преглед  можете да го превземете на овој линк.