ОДРЖЛИВОСТ? КЛУЧОТ Е ВО ДОВЕРБАТА

На 15 ноември 2016 година, во ГЕМ Клубот во Скопје ХОРУС организираше мини-конференција насловена Одржливост? Клучот е во довербата. На конференцијата од страна на г-н Бранко Докузовски, Извршен директор на ХОРУС, беше промовиран Прирачникот за примена на стандардите за прибирање на средства подготвен од г-н Младен Јовановиќ за потребите на регионалната мрежа SIGN. Покрај промовирањето на прирачникот, на конференцијата беше презентиран и Годишниот извештај за состојбата со филантроипијата во Македонија во 2015 година, подготвен од страна на Фондацијата Каталист од Република Србија, а во партнерство со ХОРУС. Извештајот го презентираше г-н Нејтан Кешал, Извршен директор на Фондацијата Каталист.

Прирачникот за примена на стандардите е создаден како водич, потсетник за тоа што ГО можат сами да направат да во што поголема мера ги применат Стандардите за прибирање средства во својата секојдневна работа.

Процесот на создавање на Стандардите за прибирање средства беше инклузивен, воден од страна на членките на SIGN мрежата во 5 држави и во фазата на формулирање вклучуваше повеќе од 400 ГО, како и 25 експерти од оваа област  кои ги споделуваа своите коментари и мислења. Низ повеќе кругови на консултации одржани во Загреб, Сарајево, Будва, Белград, Ниш, Приштина и Скопје, добиен е конечниот текст на Стандардите.

Стандардите се сочинети од 12 принципи за прибирање средства. Секој од принципите содржи и сет на вредности кој е важно да се почитува во процесот на прибирање средства. Исто така, принципите ги дефинираат и посакуваните практики и однесувања на ГО во однос на клучните актери и процеси во прибирање средствата – пред се со донаторите и своите корисници.

Овие стандарди се поставени со намера да бидат стандард за оние кои ќе ги потпишат и применуваат во земјите на југоисточна Европа. Намерата на овие стандарди е да се зголеми довербата на граѓаните во активностите на ГО со цел да се зголеми нивната доверба и легитимитет и така да ја унапредат својата одржливост и влијание.

Подготовката и публикувањето на Прирачникот и Стандардите за прибирање на средства од локални извори се реализирани во рамки на проектот SIGN за одржливост имплементиран од SIGN  Мрежата, а финансиран од Европската унија и Балканскиот фонд за демократија.

Електронската  верзија на Прирачникот можете да ја превземете овде.