По повод 30-годишнината од независноста на Македонија, ХОРУС го објавува јавниот ликовен конкурс насловен „Независна земја, среќни граѓани“.
Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица, без оглед на возраста.
Делата треба да бидат изработени во форма на цртеж или слика изработени во било која сликарска техника, графика или стрип. Доколку делото содржи текст, тој може да биде на македонски или на било кој јазик кој се зборува на или вон територијата на Македонија. Учесниците ги испраќаат делата во форма на фотографија или скен. Секој учесник може да учествува на конкурсот со најмногу две автентични дела. Делата треба да бидат дигитализирани со висок квалитет и резолуција.
Сите доставени дела остануваат во сопственост на организаторот на конкурсот и правото за нивно објавување и изложување го поседува организаторот.
Учесниците ги испраќаат нивните дела како фотографии или скен во висока резолуција преку електронска пошта на horusassociation@gmail.com со назнака „за ликовен конкурс“ заедно со име и презиме на авторката/авторот, возраст, адреса на живеење, населено место и телефонски број. Краен рок за испраќање на делата е вторник, 31 август 2021.
Награди и начин на наградување:
Изборот на најдобрите дела ќе го изврши тричлена жири-комисија која ќе ги оценува тематската соодветност, оригиналноста на претставување и начинот на претставување на идејата. Жирито го задржува правото да ги дисквалификува делата за кои смета дека се неоригинални или плагијати, делата со навредлива, омаловажувачка или обезвреднувачка содржина и дела кои содржат говор на омраза.
Најдобрите три дела ќе бидат наградени со признанија (сертификати) од страна на организаторот, како и со парични награди според следниов редослед:
Прва награда во износ од 30.000 денари;
Втора награда во износ од 12.000 денари и
Трета награда во износ од 6.000 денари.
Жири комисијата ќе направи и поширок избор на дела кои ќе бидат прикажани на изложба, заедно со наградените дела. Бројот на делата селектирани за изложување ќе зависи од техничките и просторните услови поврзани со организацијата на изложбата.
Изложбата ќе биде виртуелна и физичка (доколку дозволат условите) и ќе биде ќе биде отворена на 7 септември 2021. Резултатите од јавниот конкурс ќе бидат објавени при отворањето на изложбата.