РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА: ФИЛАНТРОПИЈАТА И ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО – ДЕЛУВАЊЕ ЗА ОПШТО ДОБРО

Во Подгорица, на 22 ноември 2016 година се одржа регионалната конференција насловена Филантропијата и граѓанското општество – делување за општо добро. Конференцијата ја организираше Фондот за активно граѓанство- ФАКТ од Црна Гора, во партнертво со членките на SIGN мрежата , а во рамки на проектот SIGN за одржливост финансиран од Европската унија и Балканскиот фонд за демократија. Целта на конференцијата беше да се дефинираат клучните претпоставки за изградба на поповолно окружување за развој на филантропијата во регионот. На конференцијата учествуваа претставници на граѓански организации, деловниот и јавниот сектор од 5 земји од регионот на Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора), кои имаа одлична можност да ги споделат своите искуства и да дадат квалитетен придонес кон што поквалитетна соработка и дијалог за институционалната рамка и алтернативите за одржливо финансирање и работа на граѓанските организации.

ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА СО ФИЛАНТРОПИЈАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО 2015 ГОДИНА

На 15 ноември 2016 година, во ГЕМ Клубот во Скопје на конференцијата Одржливост? Клучот е во довербата, беше презентиран и Извештајот за состојбата со филантропијата во Р. Македонија во 2015 година од страна на г-н Нејтан Кешал, Извршен директор на Фондацијата Каталист (Catalyst Balkans) од Р. Србија. Извештајот беше подготвен од страна на Фондацијата Каталист во партнерство со ХОРУС. Податоците за истражувањето беа собирани примарно врз основа на медиумски објави, како и на други расположливи извори на податоци (извештаи на организации кои примиле донации, како и извештаи за донации на компании), а потоа беа обработени, систематизирани и внесени во GivingBalkans датабазата на Каталист.

ОДРЖЛИВОСТ? КЛУЧОТ Е ВО ДОВЕРБАТА

На 15 ноември 2016 година, во ГЕМ Клубот во Скопје ХОРУС организираше мини-конференција насловена Одржливост? Клучот е во довербата. На конференцијата од страна на г-н Бранко Докузовски, Извршен директор на ХОРУС, беше промовиран Прирачникот за примена на стандардите за прибирање на средства подготвен од г-н Младен Јовановиќ за потребите на регионалната мрежа SIGN. Покрај промовирањето на прирачникот, на конференцијата беше презентиран и Годишниот извештај за состојбата со филантроипијата во Македонија во 2015 година, подготвен од страна на Фондацијата Каталист од Република Србија, а во партнерство со ХОРУС. Извештајот го презентираше г-н Нејтан Кешал, Извршен директор на Фондацијата Каталист.

ДОДЕЛЕНИ ПЕТ ГРАНТОВИ НА ОРГАНИЗАЦИИТЕ –УЧЕСНИЧКИ ВО ВТОРИОТ ЦИКЛУС НА АКАДЕМИЈАТА ЗА ОДРЖЛИВОСТ

Договорите со организациите-учеснички во вториот циклус на Академијата за одржливост кои успешно ги реализираа активностите за прибирање на средства зацртани во нивните планови и на тој начин се квалификуваа за грант од ХОРУС беа потпишани кон крајот на април 2016 година, а вкупниот доделен износ на грантови изнесува 1.228.000 денари или 20.000 евра. Грантовите беа доделени врз основа на т.н. ,,предизвик”, односно доколку организацијата успее да е средства во максимална висина од 4.000 евра од индивидуални или донатори од деловниот сектор, ќе и биде доделен грант од ХОРУС во однос 1:1. Особен квалитет во реализацијата на активностите за прибирање на средства кои организациите ги реализираа во своите заедници беше примената на иновативни и долгорочни/стратешки методи за мобилизација на ресурси и стварање на ,,круг” на постојани донатори, како и градење на долгорочни партнерства со бизнис секторот и индивидуалните донатори. Средствата за грантовите беа обезбедени во рамки на проектот SIGN за одржливост кој е финансиран од Европската унија и кофинансиран од Балканскиот фонд за демократија.

АКАДЕМИЈА ЗА ОДРЖЛИВОСТ 2015 – ЗЛАТИБОР, Р. СРБИЈА

Од 6 до 10 јули 2015 година на Златибор ( Р. Србија) се одржа Регионалната академија за одржливост. Академијата беше организирана од страна на SIGN мрежата во рамки на проектот SIGN за одржливост, финансиран од Европската унија и Балканскиот фонд за демократија. На академијата учествуваа претставници од 25 организации од пет земји во регионот (Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово). Р. Македонија ја претставуваа по два члена од петте граѓански организации кои беа најуспешни во првиот циклус на Академијата (2013-2014) и тоа: Младинска комора Битола, ХАЕ Македонија, Eco Action Тетово, ПРОФИЦИО Скопје и Радика ДЕ Дебар. Тие низ процес на активно учење се запознаа со напредните методи и техники за обезбедување на долгорочна одржливост преку поттикнувањето и развојот на индивидуалната и корпоративната филантропија во нивните локални заедници.